За организацијата и цели

 

 

По неколку години функционирање неофицијално на терен, директно работејки со болни лица и ширејки го знаењето за канабисот и неговите лековити својства и помагањето на лицата да научат како да го користат и дозираат канабисот и неговите екстракти, во Септември 2014 година и официјално се формираше “Зелена Алтернатива” непрофитна организација, формирана како здружение на граѓани со Претседател Филип Достовски.

Целта на оформувањето на Зелена Алтернатива беше да се продолжи со работата на терен, но истовремено да се започне и официјална соработка со странски и Македонски институции со цел да се поттикне стручната и професионалната јавност да направи позитивни промени во областа на канабисот и здравјето на луѓето преку организирање советувања, семинари, дебати и јавни настани и со истото да се вклучи и граѓанскиот сектор во процесот на креирање и промовирање на нови здравствени трендови во Македонија.

Зелена Алтернатива започна со директна соработка со повеќе Македонски институции од областа на здравството, како и со повеќе странски научни институции од областа на канабисот. Досега здружението самостојно организираше три семинари на тема “Демистификација на канабисот” и една јавна дебата “Коноп: 1000 зошто, 1001 затоа” на кои можеше да се чујат предавања од еминетни странски научници и доктори на тема канабис. На тие настани се овозможи директна комуникација, советувања и размена на мислења помеѓу јавноста и предавачите. Во Септември 2016 година, во соработка со Македонската Агенција за Лекови “МАЛМЕД” и со Министерството за здравство, здружението Зелена Алтернатива го организираше и симпозиумот на тема: “Легализација на Медицинскиот канабис во Македонија”, кој воедно и претставуваше обука за Македонските доктори за тоа што е канабис, што се екстракти од канабис и како се користат во медицината.

Како гости на досегашните настани организирани од Зелена Алтернатива се наоѓаат бројни еминетни научници и доктори, врвни експерти од областа на канабисот како Др. Пол Хорнби – Канада, Др. Роберт Џ. Меламед –САД, Др. Лумир Ондреј Хануш – Израел, Др. Итан Русо – САД, Др. Хозе Карлос Боусо – Шпанија, Др. Џек Д. МекКју – САД, Др. Хавиер Педраза – Шпанија, Др. Илија Резник – Израел, Павел Пахта – Чешка. Покрај научниците и доктори, на семинарите и настаните организирани од Зелена Алтернатива учествуваа и бројни активисти на канабисот од светот и Балканот, меѓу кои и еден од најпознатите активисти од областа на канабисот и пропонент на медицинскиот канабис, Рик Симпсон, како и останати активисти од Словенија, Хрватска и Србија.

Зелена Алтернатива и понатаму ќе продолжи во ширењето на знаењето и подигањето на свеста за придобивките од користењето на канабисот како храна и лек или за било која од многубројните корисни употреби на ова растение, бидејки Зелена Алтернатива се залага за СЛОБОДНА УПОТРЕБА НА КАНАБИСОТ. За тоа, Зелена Алтернатива ќе продолжи со едукација и советување преку директна работа на терен, како и организирање на советувања, работилници, семинари, дебати и тренинг обуки со домашни и странски предавачи, советувачи и експерти кои делуваат на домашно и меѓународно ниво со цел да ја подигнат свеста на граѓаните и државните институции за потребата од изнаоѓање на законски решенија и измена на постоечките закони, за да се овозможи употреба на канабисот на сите оние на кои истиот им е потребен. Зелена Алтернатива има изработено планови и агенда за тоа како да се организира употребата на канабис во Македонија, и како екстрактите од канабис што се достапни во аптеките да бидат бесплатни за деца на кои канабисот им е потребен, што е и една од основните цели и барања на организацијата.

Со подршка од јавноста, соработка со Македонските и странски институции, како и макотрпна работа на терен, Зелена Алтернатива ќе работи на издејствување на законски промени со цел да се овозможи слободна употреба на канабис на секој оној на кој му е потребен и да се прекине криминализирањето и казнувањето на корисниците на канабис кое веќе неколку декади се случува во нашата држава.